Автобус на ЈСП се запали под Железничка

од Nikola Popovski
477 прегледи

Се запалил автобус на ЈСП Скопје под Железничката станица. Автобусот одеднаш бил прекриен со чад, додека возачот со дел од присутните граѓани се обидел да го изгаснат со вода.

Според првичните информации, пожарот избил во задниот дел кај моторот, по што веднаш била повикана противпожарна бригада, која спречила проширување на пожарот.

Во моментот на несреќата, во автобусот немало патници.

Ваквиот немил настан доаѓа краток период откако друг автобус на ЈСП со број 2 заврши на бетонските жардиниери во близина на ТЦ „Мавровка“. Тогаш дојде обвинување од возачот дека воланот му се закочил и не можел да го исконтролира автобусот.

Освен недостаток на возачи во ЈСП, имаше и доцнење на автобусите, па имаа проблем со платите, за сега да повторно да имаат проблем и со приватните превозници кон кои ЈСП должи милиони денари.

Дека состојбата во ЈСП Скопје воопшто не е идилична, сведочи и неодамнешната изјава на првиот човек на јавното претрпријатие, Драги Кушовски.

-Реалната состојба е таква каква што е, нема што да криеме. Возниот парк, по набавката на кинеските автобуси „јутонг“ броел околу 350 автобуси и возните редови, и летен и зимски, биле адаптирани на таа бројка автобуси. Во моментов во сообраќај се од 190 до 200 возила и со нив не можеме да го опслужиме ни летниот возен ред којшто знаеме дека е скратен возен ред. Од септември кога треба да стартува зимскиот возен ред ситуацијата ќе биде уште потешка. Од денешен аспект и ниеден автобус да не ни се расипе ќе имаме недостаток од 100 автобуси. Во моментов имаме недостиг од 40-50 автобуси, рече меѓу другото Кушовски од Советот на Град Скопје.

Слични содржини