Автобус удри малолетно дете во скопско Ново Село, истрагата е во тек

Сообраќајна незгода со учество на автобус и малолетен пешак се случила попладнево во близина на основното училиште „Тихомир Милошевски“ во скопската населба Ново Село, соопштија од Министерство за внатрешни работи.

од desk4
9 прегледи Фото: Фејсбук профил на МВР

Според официјалните информации, несреќата била пријавена денеска, 26 јануари 2026 година, во 16:32 часот во СВР Скопје. Во незгодата учествувал автобус со скопски регистарски ознаки, управуван од лице од селото Крушопек, кој удрил во малолетен пешак од скопското село Ново Село.

Повреденото дете со возило на Итната медицинска помош било пренесено во ГОБ 8 Септември, каде што му биле констатирани телесни повреди. По укажаната лекарска помош, детето било пуштено на домашно лекување.

Од МВР информираат дека се преземаат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот и за утврдување на околностите под кои дошло до сообраќајната незгода.

Претходно, граѓани преку социјалните мрежи објавија дека поради незгодата сообраќајот кон Волково се одвивал отежнато и бил пренасочен во една коловозна лента.