Граѓаните утринава почнаа да ги чувствуваат калкулациите кои компаниите кои работат со продажба на горива почнаа да ги прават воочи очекувањата на денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за нивно поскапување.
Автобуси утринава оставале граѓани среде улица со образложение дека немаат гориво.
– Утринава се возев во бр.21, прво доцнеше многу, а потоа не остави во Влае со образложение дека нема гориво, кажа граѓанка за „Локално“, која се возела на дестинација Бардовци – Транспортен центар.
Извори од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) за Локално велат дека не се запознаени со случаи каде нивни автобуси оставаат граѓани „среде улица“,
– Автобусите се „покриени“ за денешниот ден, но каква ќе биде ситуацијата утре, којзнае, велат оттаму.

Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5
Регулаторната комисија денеска треба да донесе нова одлука за покачување на цените на горивата. На светските берзи, барел нафта веќе достигна 120 долари.
Граѓаните изминатиов викенд се пожалија дека бензинските на Макпетрол не точат дизел гориво, а дека точењето на бензин е ограничено. Сето ова, велат, се прави не поради немањето горива, туку дека се чека нивно поскапување со цел „воено профитерство“.
Од Макпетрол ги негираа обвинувањата, иако на неколку нивни станици ширум Скопје можеше да се види дека пристапите до местата за точење се затворени со заштитни ленти, поради што возачите не можеа да точат бензин или дизел. На социјалните мрежи се шират апели за бојкот на Макпетрол.
„Би сакале да Ве известиме дека снабдувањето со гориво кон корисниците на нашите услуги, како на посочените бензински станици, така и на останатите наши објекти се одвива со нормална динамика. Реакциите кои стигаат кон Вас се од дезинформациона природа.“, кажаа од компанијата.
Владата од друга страна, засега, без реакција на ваквите практики. Некои ја споредија ситуацијата со маркетите, кои долго време ги качуваат цените на производите без никаква економска логика но и без никакви реперкусии.
Премиерот Мицкоски увери дека во државата има доволно резерви на сите видови гориво.
В.З.