Автобусите излегле од гаражите, вработените во ЈСП денес треба да ги добијат платите

од Nikola Popovski

И покрај најавите за штрајк, автобусите на ЈСП утрово излегле од гаражите во Ѓорче Петров и Автокоманда и почнале да сообраќаат по скопските улици. Претседателот на Синдикатот при ЈСП Скопје, Миќо Стојановски утрово информирал дека надминати се надоразбирањата околу личниот доход и вработените денес ќе ја добијат јануарската плата.

Тој нагласил дека јавниот градски превоз ќе функционира нормално.

Изразил надеж дека ова ќе биде крај на, како што рече, сите недоразбирања и дека нема повеќе граѓаните да се занимаваат со вработените на ЈСП „Скопје“, нивните работни обврски и плати.

Вчера вработените истакнаа дека денес скопјани повторно ќе останат без градски автобуси бидејќи не ја добиле јануарската плата. Беше најавено дека нема да работат билетарниците, контролорите, работилниците и возачите. Вработените бараат да има „редовна исплата на платите и ништо повеќе“.

Минатиот месец Советот на Град Скопје со 25 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан на вонредна седница донесе одлуката за давање на субвенции на ЈСП Скопје за 2024 година во висина од 11 милиони евра.

Слични содржини