Европските производители на автомобили денес предупредија дека би можеле да бидат принудени да го прекинат производството во рок од неколку дена, доколку не се најде решение за недостигот на полупроводници, кој се влошува откако Кина го забрани извозот на чипови произведени од Nexperia.
Гардијан објави дека Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), чии членови се Volkswagen, Stellantis, Peugeot и BMW, изјави дека производителите работат со ограничени залихи и ги повика владите да најдат решение за спорот што е можно поскоро.
„Запирањето на производствените линии може да се случи во рок од неколку дена. Ги повикуваме сите страни да ги удвојат своите напори и да најдат дипломатско решение за оваа критична ситуација“, изјави генералниот директор на ACEA, Сигрид де Врис.