Автопатот Демир Капија – Смоквица ќе биде пуштен во април, реагира Транспорт

од desk2
97 прегледи

Министерството за транспорт и врски во реакција на обвинувањата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, потенцира дека автопатот Демир Капија-Смоквица е завршен целосно и веќе следниот месец ќе биде пуштен во употреба.

Се очекува, велат од Министерството, надзорниот орган до 15 март да даде позитивен извештај за изградбата и со тоа да се заокружи целиот проект за кој во јавноста се отворија многу контроверзии наследени од претходната власт.

„Тоа што владата на ВМРО-ДПМНЕ не успеа да го стори за пет години и да ја пушти во употреба оваа автопатска делница, со промената на извршната власт тоа се стори за само неколку месеци. Доколку владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше загрижена за реализација на овој проект, тогаш да дадат одговори зошто пуштањето во употреба на автопатот беше двапати одложувана, еднаш во септември 2016 година и вторпат во мај 2017 година“, се вели во реакцијата.

Од таму ја повикуваат претходната власт да одговори зошто навремено не се завршиле административните постапки за одобренијата за градење за изградба на контролниот центар во Неготино и за дислокација на далноводот за да може автопатот да биде пуштен во употреба во рамките на договорените рокови.

„Со доаѓањето на оваа Влада, веднаш се завршија сите процедури во врска со одобренијата за градење и со тоа во најкраток рок е изграден контролниот центар, а далноводот е дислоциран за да може сообраќајот да се одвива безбедно“, велат од Министерството.