„Измислиците на СДС за патот Кичево-Охрид се навистина безобразни. Најкриминалниот договор во историјата го направија они заедно со ДУИ, кадешто како држава потрошивме стотици милиони евра, а не беше изграден ниту еден километар пат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на СДСМ на вчерашното пуштање на 20 километри од автопатот кој се гради од февруари 2014 година.
Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ, велат од партијата, веднаш се виде разликата.
„Покрај Кичево-Охрид, готови се Охрид-Св.Наум, Гевгелија-Богданци, Страцин-Крива Паланка, Градско-Фариш, а се градат уште 4 автопати истовремено. Ние не играме со бројки туку со дела. Автопатот Скопје-Охрид ќе биде готов 2026 година“, потенцираат од партијата на Христијан Мицкоски.
Од СДСМ вчера рекоа дека автопатот не е заслуга на ВМРО-ДПМНЕ туку на работата, одговорноста и решителноста на СДСМ да го спаси нивниот фушерај и да го заврши во интерес на сите. Опозициската партија оцени дека владата на СДСМ го спасила проектот за изградба на автопатот Кичево-Охрид од целосен колапс и го донела до својата финална фаза. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвини дека започнува проекти само за да се фотографира и пофали, без решени клучни прашања.
Проектот, кој започна во 2014 година, се соочи со бројни предизвици, вклучително геотехнички проблеми, дополнителни градежни работи и финансиски зголемувања. Првично предвидената инвестиција од 374 милиони евра се зголеми на околу 598 милиони евра, а крајниот рок за завршување неколкупати беше пролонгиран, од Министерството за транспорт и врски уверуваат дека оваа сума нема дополнително да се менува, и покрај пролонгирањето на роковите.