Авторката на учебникот по босански јазик Бабачиќ:Правото на образование на мајчин јазик е едно од најголемите добра

од Берта Китинска
264 прегледи

Образованието на мајчин јазик, од најрана возраст, е многу важно и основа за понатамошното учење и поттикнување на интересот за знаење кај децата, затоа со задоволство се пријавив на Повикот за подготовка на материјали за учење за прво одделение, вели Изета Бабачиќ, која заедно со авторка Аида Зуковиќ се авторки на учебникот по босански јазик.

“Сметам дека правото на образование на мајчин јазик е едно од најголемите добра за припадниците на бошњачката заедница во Република Северна Македонија, затоа при подготовката се водевме според принципите и критериумите кои се бараат и според позитивните реформи кои се работат во нашето образование. Учебниците имаат вредност за секое време за кое се користеле и така и ние се потрудивме да креираме учебници за ова време и работевме според Наставната програма”, вели Бабачиќ.

Авторката истакнува дека во материјалот за учење посветено е внимание на психологијата на децата на оваа возраст, за да учењето биде лесно, спонтано, и секако да одговори на нивната потреба за љубопитност.

“Вредноста на учебникот за прво одделение, без разлика на кој наставен јазик е, е да содржините бидат еднакви за сите деца и да единствена разлика биде само наставниот јазик. И така се обидовме да овозможиме еднаков пристап до образовните содржини за сите деца”, вели Бабачиќ.

Според авторката во учебникот големо внимание е посветено и на содржини кои ќе им овозможат на децата полесна комуникација во животните ситуации. Новините, освен содржините од медиумска култура, се однесуваат и на описменување со разбирање, но и на примање и давање на информации со размислување како основа на критичкото размислување.

Слични содржини