Бараме покачување на цената на услугите за 30%, односно тие да се движат од 24 500 до 26 илјади денари. Ова се должи на зголемувањето на цените на прехранбените намирници и нафтените деривати, вели претседателот на Националното здружение на автошколи, возачи и инструктори „Обука-л“, Јонче Апостолоски во емисијата „Утрински брифинг“.
Според него, оваа иницијатива е од сите автошколи во земјава, а некои веќе почнале да работат со новата цена.
-Ако не можете да работите рентабилно со оваа цена, тогаш што да правиме. Претходно минималната цена беше 19 300 и тука ако ги одбиете тие 3000 за ДДВ, тогаш е невозможно да се работи. Час и пол со секое превозно средство ќе ви наплатат толку. Овде имате обврски и кон уплата, средства за инструктори, амортизација на возилото, непредвидливо трошоци за дефект на возилото. Тешко стана да се живее и работи со оваа професија. Младите кренаа раце. На најниски гранки сме. Затоа бараме од МВР да се зголемува мининамалната цена. И со оваа цена сепак сме најниски во однос на другите балкански земји, потенцира Апостолоски.