Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески вечерва му одговорил на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со неговата објава на Фејсбук упатена до Азески.
„Господине Мицкоски, Ви посакувам побрзо оздравување и закрепнување затоа што моето искуство за кое пишувате ме научило да го почитувам слоганот на нашата најуспешна компанија „Здравјето пред се“. После тоа има време и за аргументи“, истакнува Азески.
Мицкоски вечерва напиша дека Азески имал погрешни информации, како реакција на претседателот на Стопанската комора, кој рече дека со кочење на економските закони пратениците удираат по компаниите.
„Ве излажале, ве наседнале, жалам, очекував повеќе од вас…, вистината е поинаква и да, еве ви ветувам вака јавно кога тие закони навистина ќе дојдат во парламентот, ќе ги поддржиме. Ние сакаме да бидеме партнери со бизнисот, а не да ве рекетираме, ние сакаме да спасиме повеќе работни места, а не да фингираме, ние сакаме поинаква Македонија, охрабрете се, застанете со нас, до вистинските вредности, оставете ги овие мафијаши од власта, одбројани им се деновите. Ве поздравувам и Ви посакувам подобри бизнис резултати и повеќе спасени работни места и помалку да дозволувате да бидете лажени од луѓе што во својот живот шајка не заковале“, стои во Фејсбук статусот на Мицкоски.