Азески: Сакаме колоните на границите да исчезнат и да го трасираме патот што го поддржува бизнисот, патот кон ЕУ-интеграциите

од Vladimir Zorba
227 прегледи

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, со делегација од Комората и со министерот за внатрешни работи во Владата на РСМ, Оливер Спасовски, во присуство на директорите на Царинската управа и на Агенцијата за храна и ветеринарство, Славица Кутиров и Николче Бабовски, реализираше работна посета на граничниот премин „Табановце“. Средбата се случи еден месец откако Комората од 1 јули 2022 година го започна двомесечниот проект за следење на протокот на стоки на граничниот премин „Табановце“, како дел од активностите во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“.

Азески на средбата посочи дека сите ние имаме заедничка цел, а тоа е да се овозможат што подобри услови за функционирање на секое ниво во државата. Конкретно, улогата на Комората е во име на компаниите да помогне да се создадат услови за непречено функционирање на прекуграничниот проток на стоки. „Табановце“ е особено важен бидејќи тоа е најфреквентниот граничен прмеин во државава, порта за извоз и за транзит по Коридорот 10, за дел од земјите од регионот на Западен Балкан и речиси за цела Европа.

„Овој проект“, вели Азески, „е иницијатива исклучиво на Стопанската комора на Северна Македонија за да се согледа како да се подигне нивото на соработка и за да се надминат пречките што го оспоруваат протокот на стоки. За нас како мала и отворена економија и како транзитна земја ефикасното преминување на границите е од суштинско значење, а во согласност со реакциите на нашите компании членки, и во делот на регулативата и во делот на постапките, веруваме дека постои простор за подобрување на состојбите. Сакаме колоните на границите да исчезнат и да го трасираме патот што го поддржува бизнисот, патот кон ЕУ-интеграциите, што подразбира почитување на европските правила и прописи“. Овој проект, кој ќе трае до 31 август 2022 година, со присуство на коморски луѓе секој работен ден на граничниот премин, покажува дека е потребно Комората со свои претставници континуирано да биде на линија со надлежните институции задолжени за протокот на стоки на граничните премини, за да се овозможи слободен проток, што е една од клучните заложби и во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“.

Билјана Пеева-Ѓуриќ, оперативен директор во Комората, на состанокот ги образложи слабостите што ги констатирале вработените од Стопанската комора на Северна Македонија кои во текот на јули присуствувале на „Табановце“ секој работен ден, со цел следење на протокот на стоки и на услуги. Проблемите се лоцираат во следново:

* Секој ден просечно по 40-ина камиони чекаат на преминот.
* За товарните возила во функција е само една лента.
* Во екот на летната сезона и лентата за „Отворен Балкан“ е во функција за патничките возила, а камионите се оставени да чекаат.
* Секојдневните прекини во напојувањето со електрична енергија, без можност за автоматско вклучување на агрегатите, ги блокираат системите.
* На граничниот премин во колоната нема услови за одвојување на полните од празните камиони, кои непотребно се задржуваат.
* Затајува процесот на дигитализација, сѐ уште се користи многу хартија.

Слични содржини