Побаравме енергично од Владата да помогне на компаниите кои имаат огромни трошоци поради енергетската криза. Вечерва имаме средба со премиерот. Ако Владата не интервенира и не помогне во оваа ситуација, нема друго решение освен да затвораме, изјави денеска претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Тој напомена дека во Комора во овој момент 1000% ќе се третира само едно прашање, а тоа е цената на струјата.
-Се надеваме дека нема да дојде до тоа, сите ги знаеме проблемите кои се трупаат 30 години и со тоа ниско држење и субвенционирање на цената на струјата, сега изгледа огромно тоа покачување во ваква ситуација. Тоа е прв и основен проблем на компаниите. Има најава од неколку компании дека ќе почнат да размислуваат за намалување или за затворање на производството и отпуштање на вработените, одговори Азески на новинарско прашање, пред посетата на компанијата „Костал Македонија” во Охрид заедно со останатите членови на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ).