АЗЛП за „Локално“: Оштетените лица од „Двојник“ имаат право да добијат надоместок за претрпената штета

од Nikola Popovski
610 прегледи

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против 11 луѓе за злоупотреби при издавање пасоши, соопшти ОЈО на 7-ми април за случајот познат како „Двојник“. Обвинителство бара МВР да утврди кои луѓе од Министерството според хиерархија биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучително и на овие спорни пасоши. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци на државјани на Македонија кои немаат извадено патни исправи. Понатаму, МВР е задолжено преку своите инструменти во државата и во странство да провери дали и кога спорните пасоши биле употребувани на домашни и странски гранични премини, а воедно да направи и други проверки и се ова да го документира со писмени докази.

Десетмина се обвинети за злоупотреба на службена положба и овластување, а едно лице за поттикнување. Станува збор за службени лица вработени на различни позиции во МВР во  Одделението за управни работи во Скопје, кои биле поттикнати од обвинетиот Раиф Мифтари, кој е недостапен за полицијата.

Првата кривична пријава се однесува на 215 незаконски издадени патни исправи на странски државјани под туѓ, македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое му била издадена патната исправа. Идентитетот што се користел бил на лица што живеат во дијаспората. Втората пријава се однесува на 4 пасоши што му биле издадени на едно лице, при што биле искористени повеќе матични броеви, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со кои тоа лице добивало нов идентитет, но со негова фотографија.

Поради тоа што се злоупотребени лични податоци на повеќе од 200 лица, „Локално“ ја контактираше Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП) во обид да дознае повеќе за нивното мислење за овој случај и дали тој можеше да биде спречен.

Според нив, согласно Законот за заштита на личните податоци (Службен весник на Република Северна Македонија број 42/2020), Агенцијата е самостоен и независен државен орган, надлежен да врши надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија, како и заштита на темелните права и слободи на физичките лица во однос на обработката на нивните лични податоци.

„Притоа Агенцијата согласно посочениот закон врши супервизија над заштитата на личните податоци како системска и независна контрола над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци и нивната заштита во спроведувањето од овој закон и прописите донесени врз основа од овој закон, кое особено опфаќа истражување, проверка, давање насоки и превенција на контролорите и обработувачите“, велат од АЗЛП.

На прашањето дали Агенцијата соработува во координација со другите институции, со цел да запре ова повторно да се случи, од таму велат дека ги следат сите случаи каде што постојат информации за можна незаконска обработка на личните податоци.

„Вклучувајќи и за оние кои вам ви се предмет на интерес, и онаму каде што има релевантни докази соодветно постапува во рамки на надлежностите утврдени со Законот за заштита на личните податоци. Следствено, Ве известуваме дека Агенцијата соработува и со Министерството за внатрешни работи, но пред се самостојно постапува и во тој контекст согласно своите надлежности спроведува супервизии, а со цел заштита на темелните права и слободи на физичките лица во однос на обработката на нивните лични податоци“, изјавија од агенцијата.

Дали оштетените лица од акцијата „Двојник“ можат да бараат оштета?

За тоа дали жртвите можат да тужат и да бараат отштета поради таквата злоупотреба на лични податоци, од Агенцијата за лични податоци додаваат дека согласно Законот за заштита на личните податоци, секое лице кое претрпело материјална или нематеријална штета како резултат на повреда на неговите права, вклучувајќи го и правото на заштита на личните податоци, има право да добие надоместок за претрпената штета при што постапката за остварување на правото на надоместок на штета се води пред надлежен суд согласно со закон.

„Имено, согласно член 99 од Законот за заштита на личните податоци секое физичко лице има право на ефективна судска заштита (со поднесување на тужба до надлежниот суд) кога смета дека се повредени неговите права утврдени со Законот за заштита на личните податоци, како резултат на обработката на неговите лични податоци“, изјавија од АЗЛП.

На прашањето дали треба ново, посовремено ниво на заштита да им се понуди на граѓаните, по терк на Западните земји и дали можеби издавањето на македонски документи треба да го надгледува некој однадвор, од АЗЛП известуваат дека согласно прописите за заштита на личните податоци, сите кои обработуваат лични податоци (контролор и обработувач) се должни да применат соодветни технички и организациски мерки за да обезбедат ниво на безбедност на личните податоци соодветно на ризикот.

„Применувајќи ги при тоа најновите технолошки достигнувања, а според трошоците за спроведување и природата, обемот, контекстот и целите на обработката, како и ризиците со различен степен на веројатност и сериозноста за правата и слободите на физичките лица“, велат од Агенцијата и додаваат дека согласно Законот за заштита на личните податоци, Агенцијата во измината година, но и оваа година и покрај сложените услови за работа предизвикани од Ковид пандемијата врши супервизија над заштитата на личните податоци над контролорите, односно обрабтувачите.

„Тоа се прави со цел да се обезбедат основни претпоставки за правилна примена на прописите за заштита на личните податоци, тогаш кога истите се обработуваат“, стои во дописот од АЗЛП за „Локално“.

 Колкави се казните се злоупотреба на лични податоци?

Во однос на тоа колку вкупно пријави за злоупотреба на лични податоци стигнале до Агенцијата во изминатата година, од таму информираат дека АЗЛП спровела вкупно 235 вонредни супервизии/инспекции од кои 137 редовни, 95 вонредни и 3 контролни супервизии.

„Согласно Законот за заштита на личните податоци висината на глобата за сторен прекршок е различна во зависност од видот на повредата и кој ја сторил:

– за правното лице глобите се движат до 4% од вкупниот годишен приход на правното лице

– за одговорното лице во правното лице глобите се движат од 300 до 500 евра

– за службено лице во орган на државна власт глобите се движат од 100 до 500 евра

– за физичко лице глобите се движат од 100-250 евра

Најголем дел од барањата за прекршување на Законот за заштита на личните податоци се однесуваат за:

– незаконско вршење на виде надзор

– обработка на личните податоци (вклучително и ЕМБГ) без согласност на физичкото лице

– нарушување на безбедноста на личните податоци поради не применување на технички и организациски мерки (мерки за информациска сигурност)“, објаснуваат од Агенцијата.

Американската амбасада со помош во акцијата

Откако министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски потенцира дека „Двојник“ е меѓународна акција, на која нашата полиција работела со поддршка од Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во Скопје, како и Генералниот секретаријат на Интерпол-Лион и Интерпол-Скопје, од Амбасадата на САД во земјава соопштија дека во тесна соработка со министерствата за внатрешни работи и правда, обезбедуваат техничка помош, форензика, обука и опрема за да се подобрат капацитетите за спроведување на законите и на правосудните институции.

Американската амбасадорка Кејт Брнз на средбата со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потенцирала дека е многу важно да го заштити интегритетот на системот за издавање пасоши на С. Македонија.

„Свесни за комплексноста на случајот со пасошите и потребата да се осигура темелна истрага, амбасадорката ја нагласи важноста да се заштити интегритетот на системот за издавање пасоши на Северна Македонија. Амбасадорката и министерот се согласија дека е важно да се изолира овој и другите неодамнешни случаи од политиката и да се осигура независна и брза истрага“, се вели во соопштението на Американската амбасада во Скопје, од каде што додаваат дека сите овие активности придонесуваат за зголемена безбедност, поголема транспарентност и способност да се истражува и гони јавна корупција и тероризам, како и случаи на транснационален и организиран криминал.

Никола Поповски

Слични содржини