Бабиш бара од ЕУ да дозволи Западен Балкан да се приклучи кон Шенген

„Не разбирам зошто ЕУ одамна не одлучи да го прошири Шенген кон земјите од Западен Балкан за да можеме да ја браниме нашата Европа на море од шверцери кои ги злоупотребуваат овие луѓе и им ветуваат подобар живот, а само им ги земаат парите“, рече Бабиш.

од Vladimir Zorba
34 прегледи Фото: Фејсбук/Андреј Бабиш

Новиот чешки премиер Андреј Бабиш денес, по првиот состанок на новоназначената влада, нагласи дека е за Европската Унија, но дека таа не решава некои проблеми, вклучително и проширувањето на Шенген зоната кон земјите од Западен Балкан.

„Не разбирам зошто ЕУ одамна не одлучи да го прошири Шенген кон земјите од Западен Балкан за да можеме да ја браниме нашата Европа на море од шверцери кои ги злоупотребуваат овие луѓе и им ветуваат подобар живот, а само им ги земаат парите“, рече Бабиш.

Бабиш објави дека на агендата на првата работна седница на новата чешка влада во вторник ќе бидат вклучени и итни европски прашања.

„Ќе ги отфрлиме новите дозволи за емисија на гасови ETS2 бидејќи тоа е нов зелен данок, ќе го отфрлиме миграцискиот пакт, тоа ослободување за нас за кое слушаме е само за една година“, рече Бабиш, додавајќи дека на претстојниот самит на ЕУ ќе учествува и на состанок на земјите што ги отфрлаат новите европски миграциски решенија организиран од Данска, додека во среда ќе се сретне со лидерите на земјите од Западен Балкан.

Новиот чешки премиер нагласи дека тој и неговата партија АНО отсекогаш се бореле за интересите на Европа, но дека ЕУ сега ја губи конкурентноста и не решава проблеми како што се енергетиката, даночната евазија или царинските измами.

Кога станува збор за европскиот пристап кон војната во Украина, Бабиш рече дека Чешка сигурно ќе продолжи со хуманитарната помош за Украина и ќе ја поддржи целата помош што доаѓа во Украина од повеќегодишниот буџет на ЕУ, но не изјави дали ќе го прифати или отфрли предлогот за користење на замрзнати руски средства за помош на Украина.

„Доаѓа Божиќ. Би било убаво ако европските лидери, Зеленски и Путин, се договорат за прекин на огнот и си постават цел да ја завршат војната на тажната четврта годишнина од агресијата на Путин врз Украина, мислам на 24 февруари… и сите страни би добиле безбедносни гаранции“, рече Бабиш.

Новиот чешки премиер додаде дека е лошо што илјадници војници умираат во Украина секоја недела.

„Секоја војна е лоша и треба да се потсетиме на Втората светска војна, која однесе огромен број жртви. Европа и сите земји учеснички можеби треба да почнат да зборуваат за мир, а не за војна, бидејќи сите ние не сакаме војна“, рече Бабиш.