Бадентеровото мнозинство сѐ уште виси на конец – Села, вака или така, станува „најскапата валута“ во парламентот?!

Алијанса за Албанците ќе продолжи да делува како опозиција - нема да мора официјално да соработува со власта, ама не значи дека нема да помага кога ќе зачкрипи. Прашањето е: по која цена?

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Фејсбук

Ќе биде ли Зијадин Села тој што сега од позиција на растурена опозиција ќе ѝ се придружи на власта за да ѝ го обезбеди најскапиот политички ресурс – Бадентеровото мнозинство? Прашањето стана централна тема во политичките кулоари, откако стана јасно дека без гласовите на пратениците на Алијанса за Албанците, Владата практично не може самостојно да изгласа ниту еден закон што ги засега правата и интересите на етничките заедници.

Бадентеровиот принцип, воведен по Охридскиот рамковен договор, предвидува покрај 61 пратеник „за“, да има и мнозинство од пратениците кои припаѓаат на немнозинските заедници – во случајов, најмалку 20 гласови. Тоа е механизам што гарантира дека ниту една заедница нема да биде прегласана во Парламентот.

Во сегашниот состав од 120 пратеници, дури 39 припаѓаат на малцинствата, но власта контролира само околу 14 до 15 од нив. Гласовите на Алијансата на Албанците, предводена од Села, се токму бројот што недостига за да се достигне „голем Бадентер“.

Во ваква ситуација, политичката аритметика добива нова тежина. Власта има обично мнозинство, но нема етничка рамнотежа. Без Села, секој закон што допира прашања на култура, јазици или образование може да биде блокиран.

Затоа вниманието се насочува кон можноста за „техничка поддршка“, односно за договор меѓу власта и Алијанса за Албанците без формално влегување во коалиција, но со конкретна размена на поддршка и влијание.

За Зијадин Села, тоа е момент на одлучување: дали да ја зачува опозициската позиција и политичката независност, или да ја искористи можноста да стане клучен фактор во владејачката аритметика.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во разговор за „Локално“ вели дека не очекува да ни се случуваат некакви турбуленции затоа што, како што објаснува, целата моментална политичка консталација е доволно стабилна.

– Нема да има уставни измени и тоа е јасно. Исто така, сметам дека власта во моментов нема некоја голема потреба за зголемување на бадентеровото мнозинство. Но, ако се случи нешто и Владата биде притисната од ЕУ, тогаш верувам дека во политиката сѐ е можно. Треба да запаметиме една работа: секој политичар во Македонија си има своја цена. И тоа го видовме во владеењето на СДСМ кога буквално сите политички партии од албанскиот блок се менуваа внатре во власта. Македонија и сѐ е можно – изјави Пекевски.

Синиша Пекевски – Фото: Јутјуб/Принтскрин/Косово онлајн

Дали и Зијадин Села би можел да биде дел од најавената владина реконструкција, Пекевски смета дека премиерот има други планови.

– Мислам дека премиерот ќе направи смена на оние министри коишто прикажаа неуспех, а освен Весна Јаневска од МОН и Игор Филков од Правда, кои се меѓу најспомнуваните имиња за разрешување, јас би вметнал и многу други имиња. Тие имаа очајни резултати, а не ме изненадува фактот што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кубурат со квалитетен кадар. Не се заинтересирани за експерти, а во нивните редови нема квалитетни луѓе – истакна Пекевски.

Историјата на македонската политика покажува дека ваквите дилеми ретко остануваат долго отворени – кога шест гласови можат да го решат најчувствителниот парламентарен проблем, прашањето не е „дали“, туку „под кои услови“.

Темата за трансфер на Алијанса за Албанците од опозиција во власт прв ја отвори поранешниот вицепремиер и актуелен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, кој рече дека политичката сцена во албанскиот блок е измешана.

– Не го негирам трансферот на Села во власта. Може да биде – изјави Меџити уште пред официјално Алијанса за Албанците да се прости од коалицијата со ДУИ.

Но, Села експресно му одговори дека не води никакви преговори со власта и рече дека не е заинтересиран за трансфер.

– Вие во комуникација со мене? Не! Јас како дел од Владата? Не! Јас на страната на оние кои сакаат да ги поништат нашите права како народ? Не! – изјави Села.

Масло на огнот дотури и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека во поглед на владината реконструкција и преговорите со Села, сѐ е можно.

Сепак, тој последно рече дека во моментов нема никакво размислување за влез на крилото на Села во Владата, откако претходно токму ова крило ја напушти НАИ.

Б.Т.

Слични содржини