Бадникови поворки во Скопје и 80 градови и села во земјава и дијаспората

од Vladimir Zorba
262 прегледи

По 14 пат, во 75 градови и села во земјава и пет во дијаспората, денеска ќе се одржат бадниковите поворки, како форма на радосно здружување на децата, кои се собираат на однапред договорено зборно место за заедно, свечено и достоинствено да поминат одредена патека пеејќи ја пригодната божиќна песна „Вечниот Бог“.

Централната манифестација во Скопје денеска ќе започне во 11 часот на плоштад „Македонија“ и на едно место ќе ги собере децата од сите скопски општини кои ќе ја оформат најголемата бадникова поворка.

Учесниците од Камениот мост ќе чекорат кон Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ на топол прием и пригодно дарување кај Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Во рамките на манифестацијата, бесплатно ќе бидат поделени 2000 божиќни ѕвезди, кои ќе ја симболизираат Витлеемската ѕвезда што им го покажала патот на Мудреците кон местото на Раѓањето на Богомладенецот.

Божиќниот концерт пак, традиционално ќе го предводи „Златно славејче“ во придружба на македонските поп-ѕвезди Вера Милошевска, Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Стефан (Некст Тајм) и Пере (Нокаут). Концертот ќе биде инклузивен и подеднакво ќе им овозможи и на глувите и наглуви лица да ја почувствуваат радоста на празнувањето.

-Македонските улици по градовите и селата сè уште свежо се сеќаваат на божиќните каланди што се пееле под ова небо уште од средновековието. Токму тие се вистинскиот глас на Рождеството надвор од храмовите, а пак Бадниковите поворки кои ги преплавуваат улиците со детски насмевки се вистинската слика за Божиќ во Македонија, велат од Здружение за возобновување на православни традиции
„Бадникови поворки“.

Како возобновувач на православната традиција, Здружението оваа година го доби највисокото признание на КОВЗ „Вељо Манчевски“ за особен придонес во создавањето трајни вредности.

Слични содржини