Фудбалерите на Баерн забележаа убедлива победа на стартот од Бундеслигата. Како гости го демонтираа Ајнтрахт во Франкфурт со резултат 6:1.
Избраниците на Јулијан Нагелсман демонстрираа атомски фудбал веќе во првото коло од новата сезона.
Баварците водеа со 2:0 веќе во 11. минута од натпреварот, откако прецизни беа Хосуа Кимих и Бенџамин Павард, а до полувремето мрежата на Кевин Трап ја наполнија Садио Мане, Џамал Мусијала и Серж Гнабри, додека во вториот дел Мусијала постигна уште еден гол, а Коло Муани донекаде го обели образот на домашните со постигнатиот гол за домаќините.
Актуелниот шампион на Германија покажа зошто и оваа сезона е прв фаворит за „салатарата“.
По заминувањето на првиот напаѓач на тимот Роберт Левандовски во Барселона, Јулијан Нагелсман изјави дека баварскиот гигант ќе биде уште посилен од него и се чини дека засега е во право. Разиграниот Баерн лесно правеше акции, а можеше да оствари и поубедлива победа.