Фудбалерите на Баерн Минхен синоќа беа изненадувачки поразени од Аугсбург во натпреварот од 12. коло на германската Бундес лига. Се чини дека долгогодишниот шампион на оваа земја веќе не е непобедлив како изминатите години, откако со овој неуспех и даде шанса на Борусија да се доближи на само бод заостанување.
Домашните ги изненадија Баварците во првото полувреме кога преку Мадс Педерсен и Андреа Хан стекнаа два гола предност. Роберт Левандовски намали на 2:1 до паузата, но никој не помисли дека ова може да биде конечниот резултат на натпреварот.
По поразот, пред камерите се појавија Мануел Нојер и Томас Милер, кои не можеа да го сокријат разочарувањето поради уште еден неуспех во домашниот шампионат, каде што претходно владееја.
– Секако дека сме разочарани. Мораме да победуваме вакви тимови, тоа е сигурно. Ние сме подобри од нив. Не бевме на ниво во првото полувреме, бевме неактивни и не бевме доволно храбри да тргнеме во напад. Загрижен сум што не создадовме шанса. Сте виделе на претходните натпревари, обично постигнуваме пет гола против вакви екипи. За жал, не денес – критичен е Нојер.
За Томас Милер ова беше историски натпревар, бидејќи тој стана првиот неголман играч на Баварците кој забележал 600 настапи за клубот. Тоа воопшто не му беше важно.
– Првото полувреме беше многу лошо. Многу лошо. Во вториот дел беше очигледно дека сакаме гол, но не стигнавме до него. Можеби само ни недостасуваше малку среќа. Ова е сериозен удар за нас, особено за самодовербата со која сакаме да влеземе на секој натпревар – изјави Милер.