Багерот кој денеска ја чистеше реката Вардар во центарот на Скопје работи согласно годишната Програма за одржување на коритото на реката Вардар, нејзините притоки, реките Серава, Лепенец, Треска и отворените канали на подрачјето на градот, велат од Град Скопје за Локално.
Од таму додаваат дека во рамките на оваа програма, рачно се чисти нискостеблестата вегетација од косините и од кејот на Вардар, а со багери се чисти коритото.
„Дополнително, секојдневно екипите на јавните претпријатија работат на косење на тревата и собирање на сметот долж кејот на Вардар. Користењето на механизација се врши со години наназад бидејќи тоа е единствениот начин на којшто може да се извршуваат толкав обем на работи. Во моментов, со издаден налог на Град Скопје, со багери на ЈП „Улици и патишта“ се чисти коритото на две локации – во близина на Камениот мост и во Керамидница. По завршување на работите се отстрануваат сите насипи и се враќа коритото во првобитна состојба“, велат за Локално од Град Скопје.