Белата куќа планира да побрза со испраќање милијарди долари воена помош за Украина под претседателот Џо Бајден, кој ќе ја напушти функцијата во јануари, јавува Ројтерс.
Како што изјавија неименувани претставници за британската агенција, постои забрзување да се испрати помош за Украина со цел да се зајакне владата во Киев пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп на 20 јануари.
Трамп ја критикуваше помошта на Бајден за Украина, што предизвика загриженост за иднината на американската поддршка за украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека републиканците ја контролираат Белата куќа, Сенатот и можеби Претставничкиот дом.
Претставничкиот дом, кој е под контрола на републиканците, последен пат одобри помош за Украина во април, вклучувајќи го и овластувањето на Бајден да префрли милијарди долари оружје од американските залихи во Украина, осум месеци откако Бајден првпат побара поголема помош, со поддршка од повеќе демократи отколку републиканци.
Од одобрението за пренос на оружје донесено во април, останаа да се реализираат 4,3 милијарди, покрај трансферите во вредност од 2,8 милијарди долари кои беа одобрени во претходните мерки за трошење и 2 милијарди долари за финансирање на набавка на ново оружје.
Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар. Додека се кандидираше за втор четиригодишен мандат, Трамп инсистираше на тоа дека рускиот претседател Владимир Путин никогаш немаше да ја нападне Украина во 2022 година, доколку тој беше на функцијата, додавајќи дека „тоа може да го реши за 24 часа“.
Трамп минатата година изјави за „Ројтерс“ дека Киев можеби ќе мора да отстапи територија за да постигне мировен договор со Русија, што Украина го одби, а што Бајден, како американски претседател, никогаш не го предложил.
Новоизбраниот потпретседател, американскиот сенатор Џеј Ди Венс, е гласен критичар на помошта за Украина, тврдејќи дека владата подобро би ги трошила средствата за домашни приоритети.