Бајден: Го осудувам нападот на Иран врз Израел, Г7 да обезбеди заеднички дипломатски одговор

од Vladimir Zorba
189 прегледи

Американскиот претседател Џо Бајден остро го осуди иранскиот напад врз Израел и додаде дека ќе ги повика лидерите на земјите од Г7 да дадат заеднички дипломатски одговор.

„Иран и неговите сојузници кои оперираат од Јемен, Сирија и Ирак извршија воздушен напад без преседан врз воени објекти во Израел. Најостро ги осудувам овие напади. По моја наредба, со цел да се поддржи одбраната на Израел, американската војска распореди авиони и уништувачи на балистички ракети во текот на изминатата недела во регионот“, рече Бајден во изјавата.

Тој додаде дека благодарение на распоредувањето на авиони и ракети и „извонредната вештина“ на американскиот воен персонал, САД му помогнале на Израел да ги собори речиси сите беспилотни летала и проектили истрелани од Иран.

„Ќе ги повикам моите колеги, лидерите на Г7, да координираат унифициран дипломатски одговор на дрскиот напад на Иран. Мојот тим ќе работи со колегите од целиот регион“, рече Бајден.

Нагласи дека Вашингтон ќе остане во близок контакт со израелските власти.

„И покрај фактот што денеска не видовме никакви напади врз нашите сили или објекти, ќе останеме будни на сите закани и нема да се двоумиме да преземеме какви било неопходни мерки за заштита на нашиот народ“, рече Бајден.

Иран синоќа лансираше стотици беспилотни летала и крстаречки ракети кон Израел како одмазда за нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа командантот на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и пет офицерите кои ги придружувале.

Иран лансираше серија балистички ракети во правец на Израел, објавија иранските медиуми.

Слични содржини