Американскиот претседател Џозеф Бајден ги прими највисоките претставници на Конгресот во Белата куќа, кои ги повика брзо да обезбедат дополнителни финансиски средства за поддршка на Киев во војната против руската агресија која трае речиси две години.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, му рекол на Бајден за време на средбата дека е неопходно да се заострат мерките за безбедност на границите на САД и дека републиканците во Конгресот бараат „фундаментална промена во политиката“, пренесува „Ројтерс“.
Бајден, Џонсон и другите конгресмени кои присуствуваа на состанокот во средата во Белата куќа во голема мера се согласија за продолжување на поддршката за Киев и спроведување на посилни безбедносни мерки на границата со САД, но и понатаму постои несогласување околу деталите за мерките против мигрантите, кои го надминуваат она што Бајден е подготвен да го прифати, наведува британската агенција.
„Претседателот го повика Конгресот брзо да обезбеди дополнителни средства за поддршка на Украина и да испрати силен сигнал за решителноста на САД. Тој, исто така, јасно стави до знаење дека мора да дејствуваме сега за да се справиме со предизвиците на границата“, се вели во соопштението на Белата куќа по средбата.
Највисокиот демократски функционер во американскиот Сенат, Чак Шумер, најави дека на средбата е постигнат договор за решавање на прашањето за безбедноста на границите и финансирањето на Украина.
„Во таа просторија имаше исклучителен консензус. Речиси секоја страна во таа просторија – демократ, републиканец, Претставничкиот дом, Сенатот – зборуваше за важноста да ѝ се помогне на Украина“, рече Шумер.