Бајден го предупреди Нетанјаху да не ја напаѓа Рафа без план за заштита на цивилите

од Stefanija Kuzmanovska
202 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден повторно го предупреди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека не треба да спроведува воена операција во Рафа без соодветен остварлив план за заштита на палестинските цивили, соопшти Белата куќа.

Во разговорот меѓу двајцата лидери во четвртокот, втор за помалку од една недела, Бајден го предупредил Нетанјаху да не започнува операции во јужниот дел на Газа без безбедносен план за околу еден милион луѓе кои се засолнија таму, пренесува „Ројтерс“.

Бајден и Нетанјаху разговараа и за тековните преговори за ослободување на заложниците, а Бајден вети дека ќе продолжи да работи деноноќно за да им помогне на луѓето кои се заробени од Хамас веќе 132 дена, соопшти Белата куќа.

Израелските сили вчера извршија рација во болницата Насер во Кан Јунис, најголемата функционална болница во Газа, а рацијата проследена со истрели се случи додека Тел Авив се соочува со зголемен меѓународен притисок да покаже воздржаност откако објави офанзива врз Рафа, последното релативно безбедно место за палестинските цивили во Газа.

Бајден претходно овој месец рече дека верува оти операцијата на Израел против Хамас во Газа е „претерана“ и изрази сериозна загриженост за зголемениот број цивилни жртви во палестинската енклава.

Слични содржини