Бајден го предупреди Путин: САД и нивните сојузници ќе одговорат соодветно во случај на воена ескалација

од Nikola Popovski

Американскиот претседател Џо Бајден во вторникот му ја пренесе на рускиот претседател Владимир Путин загриженоста на Западот поради можниот руски напад врз Украина и го предупреди дека може да очекува санкции доколку го стори тоа, соопшти Белата куќа.

Двајцата лидери имаа двочасовна виртуелна средба за Украина и други спорни прашања. Бајден изрази „длабока загриженост на САД и европските сојузници поради акумулацијата на силите на Русија околу Украина“, соопшти Белата куќа.

Бајден „јасно стави до знаење дека САД и нивните сојузници ќе одговорат со силни економски и други мерки во случај на воена ескалација“.

Американскиот претседател ја повтори американската поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и повика на деескалација и дипломатија, соопшти Белата куќа.

Путин и Бајден се согласија нивните тимови да продолжат со консултациите.

Руската влада по средбата издаде само кусо соопштение во кое се наведува дека „разговорот меѓу Владимир Путин и американскиот претседател Џозеф Бајден се одржа преку видео-линк“.

Санкциите имаат за цел да го одвратат Путин од инвазијата на Украина, во чија близина има распоредено десетици илјади војници. Според еден американски извор, санкциите би можеле да бидат насочени кон најголемите руски банки и способноста на Москва да ја промени рубљата во долари и други валути, објави Си-Ен-Ен.

Слични содржини