Американскиот претседател Џо Бајден во саботата официјално го нарече масакрот врз Ерменците во Отоманската ера како геноцид, а историската декларација може да ја налути Турција и потенцијално дополнително да ја наруши нестабилната врска меѓу двајцата сојузници на НАТО.
Ерменската дијаспора во Соединетите држави ќе го прослави симболичниот потег на американскиот претседател во време кога Анкара и Вашингтон не се согласуваат за голем број политички прашања.
„Американскиот народ ги почитува сите оние Ерменци кои загинаа во геноцидот пред 106 години“, рече Бајден во изјавата.
„Ерменските имигранти ги збогатија Соединетите држави на безброј начини низ годините, но тие никогаш не ја заборавија трагичната историја. (…) Ние ја почитуваме нивната историја. Ја гледаме таа болка. Ние ја потврдуваме историјата. Ние не го правиме тоа за да обвиниме некого, туку за да не се повтори вакво нешто“, рече тој.
Загрижени за односите со Турција и интензивното лобирање од страна на Анкара, американскиот Конгрес и американските претседатели со децении се воздржуваат од признавање на ерменскиот масакр како геноцид и внимателно избираат зборови за масакрот за да не ја навредат официјална Анкара.
Турција прифаќа дека многу Ерменци кои живеат во Отоманската империја биле убиени во судири со османлиските сили за време на Првата светска војна, сепак, ги оспорува бројките и негира дека убиствата биле систематски организирани и дека станува збор за геноцид.