Бајден: Не барав од Нетанјаху прекин на огнот во Газа

од Vladimir Zorba
248 прегледи

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека во вчерашниот телефонски разговор не побарал од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прекин на огнот во Појасот Газа.

– Имав долг разговор со Нетанјаху и тоа беше приватен разговор. Јас не барав прекин на огнот – рече Бајден одговарајќи на новинарско прашање.

Претходно Белата куќа соопшти дека двајцата лидери разговарале за случувањата во војната меѓу Израел и Хамас.

Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека за време на разговорот, израелскиот премиер изразил благодарност за позицијата на САД во Советот за безбедност.

Нетанјаху повтори дека Израел ќе ја продолжи војната „додека не се постигнат сите негови цели, кои вклучуваат уништување на Хамас и враќање на израелските заложници“.

Во петокот, Советот за безбедност на Обединетите нации усвои омекнат текст на резолуцијата за Појасот Газа, повикувајќи на итно забрзување на испораката на помош за цивилите во палестинската енклава, но испуштајќи го повикот за „итен прекин на непријателствата“ меѓу Израел и Хамас.

При гласањето за оваа резолуција, 13 членки беа за, додека САД и Русија беа воздржани, пренесува АП.

Соединетите држави претходно ставија вето на рускиот амандман на нацрт-резолуцијата на Обединетите нации во која Москва предложи прекин на огнот во Појасот Газа.

Од 15 постојани членки на Советот за безбедност на ОН, 10 гласаа за рускиот амандман, четворица беа воздржани, додека САД беа против, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на ОН.

Ревидираниот документ го преговараа САД и Обединетите Арапски Емирати, како претставници на арапските народи.

Слични содржини