Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави денеска дека нема да го следи судењето на Доналд Трамп, бидејќи сака да се фокусира на својата работа и борбата против коронавирусот, пренесува Си-Ен-Ен.
Бајден истакна дека мора да се фокусира на коронавирусот, одбивајќи да го коментира текот на денешното судење на Доналд Трамп.
„Веќе реков, имам работа. Веќе изгубивме над 450.000 луѓе од коронавирусот и ќе изгубиме многу повеќе ако не дејствуваме брзо и решително. Многу деца легнуваат гладни, многу семејства не се осигурани кога станува збор за храна. Тоа е моја работа“, рече Бајден.
Судењето на Трамп, како и неговиот епилог, спаѓаат во надлежност на Сенатот, а Бајден верува дека тоа ќе се спроведе во согласност со демократските закони.
„Сенатот има своја работа и токму сега го прави тоа. Сигурен сум дека ќе одработи добро. Тоа е сè што имам да кажам за импичментот“, рече Бајден.
Ден претходно, портпаролката на Белата куќа Џен Саки им изјави пред новинарите дека Бајден „нема да помине многу време гледајќи ја постапката“.