Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска го повика Конгресот да го усвои предлог-законот за контрола на оружјето по последното масовно пукање во САД, во кое девет лица, вклучувајќи го и напаѓачот, беа убиени во трговски центар во Тексас.
Бајден повторно побара од Конгресот да го забрани јуришното оружје и муницијата со голем капацитет, како и да воведе универзални проверки на лицата и да го укине имунитетот за производителите на оружје, пренесува Ројтерс.
Најмалку девет лица загинаа, а седум се ранети кога вооружен маж отвори оган во трговски центар северно од Далас, Тексас, соопшти денеска локалната полиција. Напаѓачот бил убиен од полицаец откако почнал да пука пред трговскиот центар.
Според податоците на непрофитната група „Gun Violence Archive“, само оваа година имало 198 масовни престрелки во САД.