Бајден по средбата со Тихановскаја: САД се со белорускиот народ во нивната борба за демократија

од Vladimir Zorba

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска се сретна со белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја, ветувајќи и поддршка за „демократија и човекови права“ во поранешната советска република, пренесе Ројтерс.

„Ми беше чест што утрово се сретнав со Тихановскаја во Белата куќа. Соединетите држави се со белорускиот народ во нивната борба за демократија и универзални човекови права“, порача Бајден преку Твитер.

Тихановскаја побара посилен ангажман на САД против владата на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

Претходно, Тихановскаја имаше средби со државниот секретар Ентони Блинкен и советникот за национална безбедност Џејк Саливен, пренесува Танјуг.

Минатата недела, таа побара од американските власти да воведат санкции против државните компании кои се занимаваат со преработка на дрво, производство на челик и масло.

„Ви благодарам, претседателе на САД, за силниот сигнал за солидарност со милиони храбри Белоруси кои мирно се борат за својата слобода. Денес, Белорусија е на фронтот меѓу демократијата и автократијата. Светот е со нас. Белорусија ќе биде успешна приказна“, сподели Тихановскаја на Твитер.

Слични содржини