Бајден: Сојузниците не се сомневаат во кредибилитетот на САД

од Vladimir Zorba
199 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден во јавното обраќање за ситуацијата во Авганистан рече дека Авганистан ќе биде главна тема на виртуелниот состанок на групата Г7 следната недела, додавајќи дека не добил прашања од сојузниците за нарушениот американски углед поради најновите настани.

Тој го отфрли меѓународниот бес поради начинот на кој САД ја завршија својата најдолга војна и нагласи дека разговарал за тоа со сојузниците во НАТО, советниците за национална безбедност, американскиот државен секретар Ентони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин.

Тој додаде дека добил повратни информации од сојузниците дека САД дејствуваат транспарентно и со посветеност на поставената цел и нагласи дека е постигнат голем напредок во евакуацијата на авионите од Кабул, што тој го нарече „една од најголемите и најкомплицирани операции некогаш“, пренесе Си-Ен-Ен.

„Каков интерес имаме за Авганистан во ова време кога исчезна Ал Каеда? Отидовме во Авганистан со експлицитна цел да се ослободиме од Ал Каеда и Осама бин Ладен, што го постигнавме“, рече Бајден.

Бајден повтори дека стои зад одлуката за целосно повлекување од Авганистан и дека американската армија ќе остане во Кабул додека сите Американци, кои сакаат, не го напуштат, но тој не зборуваше за евентуално кршење на претходно одредениот рок за повлекување, 31. август, пренесе Танјуг.

Најголем проблем во евакуацијата останува фактот дека Талибанците ја контролираат областа околу аеродромот и дека оние кои сакаат да го напуштат Авганистан, особено Авганистанците, имаат големи тешкотии да минат низ нивните контролни пунктови.

Слични содржини