Американскиот претседател Џо Бајден, по наредбата да се прекине целата работа на ѕидот на границата со Мексико, го укина декретот на неговиот претходник Доналд Трамп, кој прогласи вонредна состојба на границата меѓу САД и Мексико во 2019 година за да обезбеди финансирање на изградбата на ѕидот.
Во писмото испратено вчера до спикерот на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, Бајден го извести Конгресот дека одлуката на Трамп е неоправдана и дека парите на даночните обврзници повеќе нема да се трошат на тој ѕид, пренесе агенцијата АП.
Во 2019 година, со цел да се заобиколи Конгресот, кој не ги одобри средствата за изградба на ѕидот, Трамп прогласи вонредна состојба на јужната граница и на тој начин зеде пари од воениот буџет.
Поставувањето на ѕидот на границата со Мексико со цел да се спречи нелегалното влегување во САД, криумчарењето и други нелегални активности беше столбот на изборната кампања на Трамп во 2016 година, што според многумина го воведе во Белата куќа. Таканаречениот „Трампов ѕид“ стана симбол на неговиот мандат и предмет на критика од политичките противници.
Кога Трамп беше инаугуриран во јануари 2017 година, веќе имаше разни видови огради на границата со Мексико во должина од 1.000 километри, а за време на неговиот мандат, САД завршија со подигнување на ѕид во должина од околу 720 километри од планирани 1.192 километри.
Колку точно пари се потрошени за изградба на граничниот ѕид во четиригодишниот мандат на Трамп не е познато, но Би-Би-Си наведува дека биле потрошени околу 15 милијарди долари.
Бајден претходно нареди проценка на материјалните загуби од суспензијата на конструкцијата на ѕидот пред да донесе понатамошни одлуки.