Колку побрзо ќе завршиме, толку подобро, изјави денеска американскиот претседател Џозеф Бајден на прес -конференција по повод евакуацијата од Авганистан и посочи дека САД се на пат да ја завршат мисијата за евакуација до најавениот рок до 31 август.
Тој потврди дека не планира присуство на американски војници во Авганистан по тој датум, но призна дека зависи од Талибанците и слободниот пристап до аеродромот дали таа мисија ќе биде извршена навреме, пренесува Си-Ен-Ен.
„Ќе ја завршиме евакуацијата до 31 август и јас сум одлучен така и да остане“, рече Бајден за време на денешната прес-конференција, која беше одложена неколку пати.
Тој потврди дека САД помогнале во евакуација на 70.700 луѓе од 14 август и уште 75.900 од крајот на јули, додавајќи дека разговарал со партнерите од Г7 за заедничка посветеност за поддршка на бегалците и секој што се обидува да избега од Авганистан, ветувајќи дека САД ќе биде „лидер во овие напори“ и ќе побара од нивните партнери да го сторат истото.
„Веќе ја гледам посветеноста на нашите сојузници. Тие во своите земји ги носат Авганистанците кои работеа со своите сили во нивните амбасади како преведувачи, исто како што ние ги носиме во САД Авганистанците кои работеа со нашите сили и дипломати“, изјави Бајден.