Поранешниот кошаркар и тренер на Лос Анџелес Лејкерс, Американецот Бајрон Скот, го анализираше кошаркарскиот турнир на претстојните Олимписки игри и направи огромен гаф по тој повод.
Скот најпрво го прокоментира шокантниот пораз на американската репрезентација од Нигерија.
„Поразот од Нигерија е веројатно најголемиот неуспех во историјата на репрезентацијата на САД, но јас не сум толку загрижен бидејќи селекторот Грег Поповиќ и момците само се подготвуваат за Олимпијадата. Америка ја чека тешка задача, но јас сепак мислам дека тие се главните фаворити за златото. Ако морам да се обложам, би ги вложил своите пари во САД“, изјави поранешниот тренер на Лејкерс.
На прашањето кој може да ги изненади Американците на Олимписките игри, следеше смешен одговор.
„Добро прашање. Франција има добар тим, Југославија е секогаш добра, како и Русија. Секогаш има еден тим што ќе ве изненади. Можеби оваа година тоа може да биде Кина“, рече Скот.
Фактот дека Кина и Русија не изборија место на Олимписките игри доволно зборува за тоа колку Скот е во тек со настаните.