Состојбата е влошена во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, и во Хрватска, која исто така е членка на ЕУ
Владите на земјите на Балканот веќе со години тврдат дека ја спречуваат корупцијата, но во реалноста тој регион, вклучувајќи ги балканските членки на Европската унија, тоне во корупција.
Во Црна Гора куќите и зградите се расфрлани по падините и околу плажите, без никаков стил, а природните патишта и електричните водови изгледаат како импровизација.
Во изјава за „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, локален градежен претприемач се пофалил дека многу куќи градел сам и дека за ниту една нема градежна дозвола, туку „сето тоа завршило под рака‟.
Случајот со митото е се присутен, па така и овој претприемач му понудил на новинарот на „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ стан за летување, ако весникот објави „дека местото е прекрасно‟, а тој поради тоа добие уште десетина порачки.
Освен документи и дозволи, системот за подмитување на властите владее и во сообраќајот, здравството и вработувањето.
– Многу олигарси на Балканот ги преземаа општите добра и управаат со владите, се жалат невладините организации, како што е Центарот за истражување на демократијата (ЦСД) во Софија.
Во Бугарија состојбата не е подобрена ни 9,5 години по приемот во Европската унија.
Антикорупциската платформа Селди, која собира 17 невладини организации од Југоисточна Европа, констатира дека митото е раширена појава и во другите балкански земји. Во пет од девет земји, корупцијата е уште и зголемена.
Дојче веле наведува дека состојбата е влошена во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и во Хрватска, која исто така е членка на ЕУ. Од друга страна. пад на степенот на корупцијата е забележан во Црна Гора, Србија, Турција и Бугарија.
Најлоша е состојбата во Албанија, која исто така се стреми кон Европската унија. Таму половина испитаници навеле дека најмалку еднаш во текот на последните години биле во состојба кога требале да платат мито.
Во Македонија и Босна така постапиле 28 отсто возрасни, на Косово 22 отсто, во Србија и Црна Гора околу 20 отсто.
Најниска стапка на корупција постои во Хрватска и Турција – девет отсто, но и таму таа се уште многу отстапува од западните стандарди.
Франкфуртер Алгемајне Цајтунг – Франкфурт