Балкански рис повторно снимен како шета низ „Галичица“ (ФОТО)

од Nikola Popovski
341 прегледи

Камерите на националниот парк „Галичица“ повторно забележаа рис на фотозамка како шета низ паркот. Од таму појаснуваат дека после педесетина години пауза, балканскиот рис за прв пат бил забележан во НП „Галичица“ во 2020 година.

Во последните три години, ова е осмо забележување на рисот на територија на националниот парк.

-Потикнати од неговото присуство, ЈУНПГ заедно со Македонското еколошко друштво во 2021 и 2022 година спроведоа мониторинг за утврдување на бројност на популации на срна и дива коза во НП „Галичица“. Тоа се видови кои претставуваат омилена храна на балканскиот рис, велат од „Галичица“.

Потенцираат дека во периодот кој следи, ќе бидат поставени дополнителни камери, со цел полесно утврдување на вкупната бројка на единки на балкански рис и други крупни цицачи.

-Секако, нема да изостанат ниту мерките за заштита на живеалиштата на балкански рис и директно спречување на криволов во НП „Галичица“, стои во објавата.

Идентификацијата на единките преку фотографии е отежната, бидејќи таа се утврдува според шарите на крзното на рисот, што е речиси невозможно преку фотографии со послаб квалитет.

Во соработка со Македонско еколошко друштво се прават напори да се процени популацијата на балканскиот рис, вклучително според бројноста на срните што се дел од неговата исхрана.

Слични содржини