Балкоски: Владата не може да справи со инфлацијата – потребно е формирање на Кризен економски менаџмент

од Nikola Popovski
165 прегледи

Екс-пратеникот и член на ВМРО-Народна, Љупчо Балкоски упати прашање до властите до кога ќе анализираат, наместо да интервенираат, откако беше соопштено дека е зголемена инфлацијата во споредба со лани. Балкоски потсетува дека индексот на трошоците на животот во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, бележи зголемување од 4.8 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5.3 %. Индексот на цените на мало во јули 2025 година, во однос на јуни 2025 година, изнесува 103.1.

-Кој процент на зголемување на инфлацијата ќе биде алармантен за Владата? ВМРО-НП секој месец реагира и предлага. Под итно е потребно формирање на тело за Кризен економски менаџмент од истакнати професори и стручни лица, за справување со последиците од економските проблеми, најпрво стабилизирање на состојбата, а потоа и намалување на инфлацијата, затоа што оваа Влада очигледно не може тоа да го реши, стои во објавата на Балкоски.

По 1 мај, кога истече владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за преку 1.000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо, трговците во Македонија слободно можат да ги формираат цените, што доведе до голем пораст, пред сè на цените на сезонското овошје и зеленчук.