„Балонот пукна“: Цените на недвижностите во Германија паднаа за повеќе од 10 отсто

од Vladimir Zorba
478 прегледи

Цените на станбените недвижности во Германија ја продолжија надолната траекторија и паднаа за 10,2 отсто во третиот квартал во споредба со истиот период минатата година, покажаа во петокот податоците на Дестатис, најновиот лош знак за секторот на недвижности на најголемата европска економија.

Тоа значи дека цените паднаа четврти квартал по ред и со највисока стапка во споредба со кварталот претходната година, откако германската канцеларија за статистика почна да води евиденција во 2000 година, што ја нагласи најтешката имотна криза во Германија во последните децении.

Во вториот квартал од 2023 година, цените на станбените недвижности паднаа за 9,6 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на Дестатис. Во периодот од јули до септември тие се пониски за 1,4 отсто во однос на претходните три месеци.

„Имаше шпекулативен ценовен меур во Германија до 2022 година, меѓу најголемите во последните 50 години“, рече Константин Холодилин од одделот за макроекономија на Германскиот институт за економски истражувања (DIW).

„Цените оттогаш паѓаат. Меурот пукна“, додаде тој.

Со години, секторот на недвижности во Германија и на други места во Европа доживеа бум бидејќи каматните стапки беа ниски, а побарувачката беше висока. Но, остриот пораст на каматните стапки и трошоците го запре тоj налет, туркајќи ги градежниците во банкрот бидејќи банкарското финансирање пресушува и работните места се замрзнуваат.

Во третиот квартал особено е изразен падот на цените на семејните куќи во поголемите германски градови, за дури 12,7 отсто, додека цените на становите таму паднале за 9,1 отсто во однос на истиот квартал лани.

Исто така, заводот за статистика во петокот објави дека нарачките во градежната индустрија паднале за 6,3 отсто во октомври во однос на еден месец порано, според сезонски приспособени податоци.

Германската асоцијација на градежната индустрија објави дека секторот за изградба на станбени објекти оди во насока на натамошно намалување на работните места.

Австрискиот гигант за недвижности Сигна, кој има значително присуство во Германија, минатиот месец поднесе барање за стечај, што е најголемата жртва на кризата со недвижностите во регионот досега, потсетува Ројтерс.

Слични содржини