Банани не јадам, а еден билет чинеше 700 евра – рече Мицкоски за тендерите на СОЗР и летот до Унгарија

од Nikola Popovski
766 прегледи

Не знам дали тоа се точни информации. Ќе проверам и ќе ви дадам одговор. Но, прочитав во некои медиуми дека се набавени 600 килограми банани. Јас банани не јадам, но ќе го проверам сето тоа. Ако е целта да најдеме нов начин и нова формула во Владата ако може на воздух да се живее, еве јас ќе ви кажам дека сега во месец на рамазански и велигденски постови, внимаваме каква храна конзумираме. Конкретно јас постам и знам дека голем дел од колегите го прават истото, одговори денеска премиерот Христијан Мицкоски откако во јавноста беше објавено дека СОЗР распишала тендери за набавка на егзотично овошје и зеленчук, меѓу кои се споменува банани, авокадо, аспарагус, но и октопод, лосос, разни морски плодови, па дури и јунешки бифтек…

Премиерот нагласи дека во наредниот период ќе „внимаваат на овие трошења да ги сведат ако е можно на нула, за да не предизвикаат такви реакции…“.

Мицкоски одговори и за авионската линија до Унгарија на меѓувладиниот самит односно колку чинел летот со приватната компанија.

-Жалам што поединци се фокусираа и на тема. Сакам да кажам дека фактурата за 60 билети е 2,6 милиони денари, а не е 12 милиони денари како што некои лиферуваа. Тоа би било по 700 евра за билет со сите вклучени такси на сите луѓе од владината делегација. Тоа е за 30% помалку отколку кога би иделе со комерцијална линија Скопје-Виена-Будимпешта и обратно или Скопје-Истанбул-Будимпешта и обратно. Тоа беа двете достапни линии, но и од двете дестинации бевме одбиени за групна карта која за 30% беше поскапа. Ова е вистината, рече денеска Мицкоски од посетата на Општина Кисела Вода.

Дел од медиумите објавија дека премиерот и министерите со авион на турската компанија „Фрибрд ерлајнс“ заминале во Будимпешта на заедничката владина седница со владата на Виктор Орбан.

Претходно, директорот на СОЗР, Ивица Томовски, изјави дека е неопходно да се набави нов државен авион, дури и половен, за службените патувања на владините функционери. Тој истакна дека постојниот авион е стар околу дваесет години, има само шест седишта и не ги задоволува актуелните потреби.

Иако сегашниот владин авион „Лирџет 60“ е купен во 2005 година и редовно се одржува, Томовски укажува дека често се соочуваат со сериозни дефекти.

Слични содржини