Продолжуваат реакцииите за висината на затворската казна за Васил Јованов кој ја усмрти Фросина Кулакова на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Јавноста и понатаму поделена – дали требаше повисока или казната е сепак според судските стандарди и легислативи. Адвокатот Владо Бангиевски оценува дека пресудата е во рамките на судската пракса која постои за овој вид на кривични дела.
-Така што од тој аспект очекувана е висината на изречената казна. Да, разбирлива е реакцијата на јавноста за висината на казната, со оглед на последиците од кривичното дело. Но, јавноста има право на став и реакции, како и право да го изрази својот револт, посебно со оглед на згаснувањето на така млад живот, што само по себе е голема трагедија, ама не смее да се заборави дека единствено судот е меродавен да одлучува и казнува, вели Бангиевски во разговор за „Локално“.
Според него, не постои никаква грешка во судскиот систем во случајот со одлуката на Врховниот суд да ја укине пресудата на скопска Апелација против Јованов, со која тој беше осуден на три години и 10 месеци затвор за поседување и трговија со наркотици и со тоа предметот да го врати во второстепениот суд на повторно одлучување.
-Прашање на судиска проценка е, при одмерувањето на казната за сторено кривично дело, што судот ќе земе во предвид како отежителна, а што како олеснителна околност. Во конкретниот случај, според мене правилно постапил судот кога ја зел како отежителна околност пресудата за тоа кривично дело, посочува Бангиевски.
Вчера попладне семејството на Фросина Кулакова и група граѓани излегоа на протест, барајќи посилна правда за трагичната смрт на младата девојка. Тие се незадоволни од пресудата на Основниот кривичен суд во Скопје, според која Јованов беше осуден на 12 години затвор.
-Бараме максимална затворска казна за Васо, 20 години без олеснителни околности. Одбраната тврди дека се работи за примерен млад спортист кој тренирал бокс и ракомет, а не кажува дека е избркан од ракометарскиот клуб затоа што предизвикувал тепачки … Судот пресуди само 12 години затворска казна за лице кое било пијано, без возачка дозвола, на пешачки премин на црвено светло, рече таткото Тодор Кулаков.
За таткото на Фросина соминтелна е одлуката на Врховен да ја укине пресудата за Јованов од 3 години и 10 месеци за трговија со дрога и да ја врати пред Апелација.
-Очигледна е намерата со игра на датуми да се створи правна конфузија. Сега одбраната ќе бара на Апелација да му се намали казната, кажа Кулаков.
Семејството бара и дисиплинска постапка за судијката Снежана Марковска.
-Бараме дисциплинска постапка и времено суспендирање на судијката Марковска, која ја донесе оваа пресуда. Мора да одговори зошто жалењето на обвинетиот го смета за поважно, од тоа што дејствувал под алкохол, без дозвола и со тешко криминално и насилничко минато и просто преминува преку Фросина. Бараме Судскиот совет да покрене дисциплинска постапка и да се утврди дали постоело непрофесионално и пристрасно постапување, во меѓувреме бараме судијката да биде времено отстранета од работа, рече Кулаков.
Исто така, тој побара Судскиот совет преку соопштение да одговори на нивните прашања кои се однесуваат на тоа дали судот постапувал согласно законот.
На вчерашниот протест се приклучија и семејства кои на сличен начин имаат загубено близок член.
Н.П.