Нормално е секогаш во јавноста стануваат актуелни бизнис – зделки каде се појавуваат или звучни имиња, пред се на политичари, или имиња поврзани со звучни имиња односно политичари, вели адвокатот Владо Бангиевски во разговор за „Локално“ околу случувањата со купувањето на ТЦ „Соравија“ од страна на бизнисменот Дрин Ахмети, кој е внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Според него, ова уште еднаш покажаа колку кај нас политиката е поврзана со бизнисот.
-Тоа е катастрофално и дава многу лоша перцепција за тоа дека може да бидете успешни не само во бизнисот – туку и на било кое поле, доколку сте поврзани со одредени политички структури односно влијателни личности во политиката, посочува Бангиевски.
Истакнува дека за се, што се наметнува како сомнеж за сторено кривично дело, најповикана институција е Јавното обвинителство.
-Се разбира, кај нас постојат и други институции кои се задолжени за водење на истраги поврзани со финансиски текови, како што е Финансиската полиција итн. но тие, во конкретниов случај треба да имаат улога на утврдување на фактичката состојба, која треба да му помогне на обвинителството во расчистувањето на овој случај. И повторно, се актуелизира прашањето на институционалниот капацитет на повиканите надлежни институции! Тоа прашање е системско и мора да се решава на системски начин, а не ад – хок, кога јавноста ќе започне да врши притисок за расчистување на некои зделки или прашања од јавен интерес, посочува Бангиевски.
Адвокатот е дециден дека постојат и домашни и меѓународни инструменти кои совршено можат да ги следат финансиските текови.
-Тука повторно се наметнува прашањето за институционалната моќ на повиканите институции. Но сеедно…За мене неприфатлив е поимот „тешкаш“ во политиката или бизнисот. Тоа е погубно размислување! Општеството не смее да создава бизнис или политички моќници кои ќе бидат над било која институција! А тоа ни се случува нам и ни се случуваше! И тоа е многу лоша порака и кон внатрешната и кон меѓународната јавност! Сите мора да имаат еднакви шанси во бизнисот и во политиката! Општество кое се декларира уставно – правно за слободно во претприемништвото не смее да си дозволи привилегирани во бизнисот само затоа што се поврзани со политички структури, анализира Бангиевски.
Очекува за конкретниот случај институциите да се „разбудат“ бидејќи јавноста врши и ќе врши притисок.
-Тие не смеат да бидат будни само под притисок на јавноста или кога јавноста ќе го вклучи алармот! Не! Тие мора еднакво да одговорат и кога е во прашање сомнеж каде јавноста е заинтересирана и каде што таа не е! Ова, за да се избегне селективната правда. А тоа значи, за некој може да има правда – а за некој не! „Будноста“ на институциите мора биде континуирана и да имаат еднаков пристап и третман, вели соговорникот.
Бангиевски добива впечаток дека „кај нас најчесто кривично дело кај носителите на јавни функции е злоупотреба на службената должност и овластување“.
-Владеењето на правото значи правна рамка во која секој поединец или институција мора да дејствува – ако сакаме правна држава и релано придвижување кон Европската Унија. Партиските влијанија во државните институции мора да се сведат и се оправдани само ако се однесуваат на спроведување на политиките на партиите на власт за кои граѓаните гласале на избори. Се друго, секакво друго мешање на партиски релации со државни институции е партизација на државата – партократија и злоупотреба на службента положба и овластување. Кој – каде сака може да биде во својата партија. Но, кога е поставен на јавна функција – мора да го спроведува законот дословно без разлика за кого се работи, порачува адвокатот.
Н.П.