Обвинителството правилно го квалификува делото, бидејќи стореното дело ги има сите потребни елементи, за да се квалификува правно, како дело со умисла, вели адвокатот Владо Бангиевски откако републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски потврди дека против Васил Јованов, кој ја прегази Фросина Кулакова, се води постапка за најтешкото кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот.
Како што потенцира во разговор за „Локално“, сите дејствија, обвинетиот ги сторил во состојба во која бил свесен за последиците од таквото свое постапување и се согласил со последиците кои би можеле да настанат од таквото постапување. И тука, според него, како што вели, имаме чисто дело сторено со умисла.
Обвинителството ќе ги стави под лупа и родителите на Васил. Ќе испитува дали и како родителите му овозможиле на 20-годишникот да управува со возило кое може да се толкува како општа опасност за предизвикување несреќа односно дали има умислена одговорност и кај нив. Бангиевски се согласува дека текот на истрагата е соодветен од аспект на тоа, колку родителите имаат дел, односно удел, во сторувањето на делото. Тука секако, претпоставувам, објаснува тој, дека Обвинителството ја има во предвид и возраста на сторителот на делото.
Околу можната висина на затворската казна, според соговорникот, нормално е дека јавноста е револторана и реагира со протести.
-Но, секогаш сум против било какви надворешни притисоци или влијанија врз судството. Тоа мора да им оддолее на сите притисоци и влијанија однадвор. Со оглед на тежината на делото и последиците од него очекувам казна блиску до максималната, но не за да се задоволи јавноста туку да се задоволи правдата, оценува Бангиевски.
Под дејство на алкохол, со брзина многу поголема од дозволената и на црвено, Васил удрил во 22-годишната Фросина. Засега не е позната точната брзина со која тој го управувал возилото. Во моментот се врши вештачење на камерите од „Сејф сити“, но и од околните објекти. Вештакот преку нив ќе треба да утврди колкава била точната брзина и дали воопшто се обидел да ја намали брзината.
„Локално“ вчера поразговара со уште едно правно лице кое се согласува дека не постои речиси ниту една олеснителна околност кај младиот возач. Според Драган Малиновски, се очекува повеќе годишна затворска казна.
Во меѓувреме и Судскиот совет ќе проверува дали имало пропусти во претходните постапки кои се воделе против 20 годишниот Јованов. Претседателот на ова тело, Александар Камбовски најави формирање на комисија која ќе постапува по забелешките изнесени во јавноста.
И додека Судски бара грешки, судиите од скопска единица застанаа во одбрана на колешката која лани го укина притворот на Јованов, обвинет во друг случај – за поседување дрога. Велат не е вистина дека тој претходно бил осудуван, ниту пак истата судијка постапувала по десетина пријави против него.
„Прашање е дали доколку била изречена и казна затвор, мерката притвор ќе можела да опстои пред повисоките судски инстанци имајќи ја предвид досегашната судска пракса, препораките од Судот за човекови права во Стразбур и постојани критики на Меѓународната заедница дека мерката притвор не смее да се користи како казна. Дотолку повеќе што и при укинување на мерката притвор, Јавниот обвинител не вложил жалба на притворот туку вложил само на кривичната санкција“, се вели во соопштението од Кривичен.
Во меѓувреме, Обвинителството ја проширува истрагата. И родителите на Васил се под лупа. Скопската полиција треба да ја провери улогата и влијанието на таткото и мајката дали на нивното дете му давале пари за да точи гориво, но и зошто му дозволувале да го вози автомобилот, ако знаеле дека нема дозвола.
Пред две години Јованов предизвикал уште една сообраќајка, но се спогодил со оштетената, платил казна и поминал без да му се суди.
Н.П.