Банките ќе бидат „заобиколени“ од солидарниот данок

од Vladimir Zorba
488 прегледи

Во услови на премерување на аргументите за и против во однос на солидарниот данок кое во изминатите неколку денови интензивно се одвива на релација меѓу Владата и бизнис секторот, останува извесно дека проекции за процентот на издвоени средства по овој основ ќе треба да изготват 150 компании.

Според даночниот експерт Павле Гацов, новиот данок ќе влијае на добивките на компаниите за 2023 година и нема да биде на товар на финансиските резултати за 2022 година.

Во групата „плаќачи“ сепак нема да влезат банките.

Според сите калкулации, банките ќе бидат „заобиколени“ од солидарниот данок, имено тие имаат континуирано голема профитабилност, па и споредбената основа им е висока и не го исполнуваат условот за скок на профитабилноста во 2022, односно 2021 во однос на изминати три години, период во кој исто така имаа високи профити. Намерата на предлагачите очигледно не била да се опфатат банките со овој данок, вели Гацов во изјава за „Локално“.

Владата која неколку пати досега обелодени дека станува збор за еднократна и вонредна јавна давачка која се базира на начелата на правичност, еднаквост и пропорционалност, прецизираше дека средствата собрани од солидарниот данок ќе бидат искористени за антикризни мерки.

Павле Гацов

Павле Гацов

Според Гацов, на оваа ставка ќе се смета и при проектирањето на буџетските расходи. Оттука, во очекување на септемврискиот ребаланс на буџетот, Гацов вели дека иако прибирањето на буџетските приходи оди добро, ќе мора да се скратат расходите.

Само за договореното покачување на платите во јавниот сектор, буџетските расходи ќе се зголемат за 50 милиони евра за 2023 година. Ако е калкулирано прибирање на 70 милиони евра од слидарниот данок, јасно е дека анулирањето на овие две големини. И овој пат, иако прибирањето на буџетските приходи заради инфлационата дивиденда оди добро, сепак ќе мора да се крати кај расходите. Тоа најлесно се прави кај капиталните расход, вели Гацов.

Владата вчера потврди дека даночната стапка за пелетите нема да се менува односно ќе остане 5 % со цел да се зачува економскиот стандард на граѓаните. Во таа насока се повисоките плати на 130.000 вработени во јавниот сектор, потпишувањето на Општиот колективен договор со кој платите се врзуваат со растот на просечната плата, како и измените во законот за извршување со кои каматата веќе не смее да го надминува износот на главниот долг а намален е и рокот за застарување на долгот.

К.В.С.

Слични содржини