Големите мултинационални банки инвестираат милијарди долари во нови проекти за нафта и гас, и покрај обврските да постигнат нето нула емисии на јаглерод, според еколошката организација Share Action, цитирана од Би-Би-Си.
Инвеститорите мора да ги принудат банките да бараат зелени планови од компаниите за фосилни горива пред да ги финансираат, велат активистите.
Постигнувањето нулта нето-емисии значи да не се зголемува концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата со намалување на емисиите и обид за нивна компензација преку различни механизми за прочистување – садење дрвја, „заробување“ на јаглерод диоксид и друго.
За да се избегнат штетните ефекти врз животната средина, вклучително и екстремните временски настани, порастот на просечната глобална температура треба да се ограничи на под 1,5 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа до 2050 година, велат научниците.
Како дел од таа мисија, Меѓународната агенција за енергија рече дека не треба да се развиваат нови наоѓалишта на нафта и гас.
Но, големите банки продолжуваат да инвестираат повеќе милијарди долари за да ја прошират индустријата, иако повеќето од нив се дел од Алијансата за банкарство Net Zero, предводена од ОН, според ShareAction.
HSBC, на пример, инвестира приближно 8,7 милијарди долари во нови проекти за нафта и гас во 2021 година. Barclays инвестираше 4,5 милијарди долари во слични потфати, а Deutsche Bank 5,7 милијарди долари, според еколошката организација.
Нафтените гиганти кои имаат корист од финансирањето се Exxon Mobil, Shell, BP и Saudi Aramco.
Сепак, инвестициите во фосилни горива нагло паднаа од 2020 година, кога само HSBC вложи повеќе од 18 милијарди американски долари во нови проекти за нафта и гас.
Сепак, ShareAction верува дека банките им дадоа заеми на производителите на фосилни горива за да ги одржат во живот за време на кризата и дека во 2021 година финансирањето се врати на нивоата пред пандемијата.
Минатата година, 24 од најголемите банки во Net Zero Banking Alliance обезбедија 33 милијарди долари за нови проекти за нафта и гас, од кои повеќе од половина (19 милијарди долари) дојдоа од четворица основачи на организацијата – HSBC, Barclays, BNP Paribas и Deutsche Bank, според Share Action.
Организацијата ги повикува главните инвеститори да бараат од банките да го ограничат финансирањето за производство на нафта и гас, велејќи дека тоа носи ризици за нив самите.
„Доколку побарувачката за нафта и гас падне во согласност со сценариото за глобалното затоплување од 1,5 степени Целзиусови, цените ќе паднат, а средствата ќе останат блокирани. Од друга страна, ако побарувачката не падне доволно за да го спречи глобалното затоплување, економијата ќе страда од тешки физички временски услови.
Во секој случај, вредноста ќе биде уништена за енергетските компании, банките и нивните инвеститори“, предупредува менаџерот за истражување на ShareAction, Ксавиер Лерин. Според него, повеќето банки не бараат планови за таканаречената „зелена транзиција“ од своите клиенти, што покренува сомнеж за нивните еколошки заложби.
Банките, од своја страна, ги негираат обвинувањата дека не ги исполнуваат обврските за ограничување на емисиите на јаглерод. HSBC ја објави својата политика за постепено укинување на финансирањето на јаглен за производство на енергија во декември и рече дека нејзините планови за нето нула финансирање за нафта и гас ќе бидат објавени во нивниот годишен извештај подоцна овој месец.
Во меѓувреме, „Barclays“ соопшти дека продолжува да се ангажира со широк опсег на засегнати страни за прашањата за климата и одржливоста. Тие имаат за цел да ги намалат финансираните емисии на енергија, вклучувајќи јаглен, нафта и гас, за 15% до 2025 година.
„Секторите со интензивна потрошувачка на јаглерод претставуваат само мал дел од нашето кредитно портфолио, а врз основа на јавно достапните податоци, нашиот бизнис за кредитирање и позајмување фосилни горива е значително помал од оној на глобалните конкуренти. Покрај тоа, нашата цел е да ги поддржиме сите наши клиенти додека се движиме кон свет со нула нето емисии“, изјави пак портпаролот на Deutsche Bank за Би-Би-Си.
Германското Министерство за финансии објави дека покренало иницијатива за постигнување зелени и социјални цели во вредност од 200 милијарди евра до 2023 година.
Францускиот BNP Paribas, исто така спомнат во извештајот ShareAction, вели дека тоа е главен извор на финансирање за многу европски енергетски компании, кои се силно посветени на транзиција на нивниот модел преку силни инвестиции во развојот на обновливата енергија.
Банката е убедена дека „овие играчи, поради нивните технички и финансиски можности, ги имаат потребните лостови за забрзување на транзицијата преку развој на обновливи извори на енергија и други трансформативни решенија“.
Нафтениот гигант Exxon Mobil, пак, потсетува на мислењето на Меѓународната агенција за енергија и Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени дека дури и Парискиот климатски договор предвидува значителни инвестиции во нафта и гас.
Дури и сценариото за постигнување нето јаглеродна неутралност до 2050 година ќе бара дополнителни инвестиции од приближно 11 трилиони долари во развојот на полињата за нафта и гас за да се задоволи глобалната побарувачка за енергија.
BP, исто така, ги потврди своите амбиции да постигне нето јаглеродна неутралност и постави стратегија за нивна имплементација.
Shell и Saudi Aramco се уште не ги коментирале наводите во извештајот ShareAction, пишува Би-Би-Си.