
Банкси, најпознатиот светски уличен уметник, на аукцијата го донираше триптихот „Поглед на Средоземното море 2017“, а парите од продажбата, 1,2 милиони фунти, ќе бидат донирани за болница во Витлеем.
Триптихот на Банкси се разликува на многу начини од претходните дела на овој уметник, тој наликува на пејзаж, како што се сликани во романтичната ера, но носи и јасна политичка порака, бидејќи тоа е негов одговор на мигрантската криза. Триптихот ќе биде продаден на аукција во Сотби и се очекува да достигне цена од 1,2 милиони фунти.
Три конвенционално врамени слики под комбиниран наслов „Поглед на Средоземното море 2017“ изгледаат како романтично прикажување на морето, но суштината на интервенцијата на Банкси е дека, како што велат од аукциската куќа за „Гардијан“, уметникот додал портокалови појаси за спасување, кои водата ги исфрлува на брегот, што укажува на една сосема друга приказна.
Триптихот првично беше наменет за хотелот на Банкси во Витлеем, кој уметникот го купил и насликал затоа што, како што изјавил, тој е „хотел со најлош поглед на светот“, бидејќи гледа во линијата на демаркација на териториите контролирани од Израел и Палестина. Овој хотел ја чува и најголемата колекција на дела на Банкси.
Триптихот „Поглед на Средоземното море 2017“ е изложен во галеријата „Сотеби“ со пејзажи од познати сликари од различни периоди на уметност.
„Тој триптих беше обесен во галеријата Сотеби со делата на некои од најголемите сликари на пејзажи во историјата на уметноста, вклучувајќи ги Белот, Ван Гојен и Тарнер. Делото на Банкси, сепак, се истакнува со својата силна политичка порака“, рече Алекс Бранчик, шеф на одделот на оваа куќа за современа европска уметност, за „Гардијан“.
Банкси направи уште еден необичен чин од почетокот на пандемиската криза. Во мај, во Саутемптон, Англија, тој го наслика ходникот на болницата, нарекувајќи го делото „Game Changer“ (слободен превод „Лицето кое носи промена во околностите“) и го посвети на британските медицински лица. За време на изолацијата, тој ја наслика и бањата на неговиот стан, со што иницираше цела низа вакви дела ширум светот, а неодамна тој изведе акција и во лондонското метро (и го документираше со снимки), исто така на тема пандемија.