Барањето по секоја цена да се вакцинираат работниците ги пречекорува сите граници на работничките права

од Vladimir Zorba
735 прегледи

Првичните стравувања дека лицата кои одбиваат да се вакцинираат против КОВИД 19 ќе влезат во групација кон која останатите со негодување ќе вперуваат прст полека почнаа да се остваруваат. Откако Грција најави дека невакцинираните нема да добијат парична помош, полемика во јавноста предизвика и најавата на хрватскиот премиер Пленковиќ дека државната помош за компаниите ќе биде условена со вакцинирање на сопствениците и работниците. За дилемите кои се поврзани со ова прашање, како и за се погласната полемика во однос на тоа дали државите на овој начин ги кршат основните човекови права на личен избор, „Локално“ побара одговори од професорот од Правниот факултет при УКИМ, д-р Лазар Јовевски.

Посочува дека и покрај изјавитe  од страна на челниците  на СЗО во однос на  загарантираното право на личен избор  имал  сомнеж, а тој му бил потврден уште  со настанот во македонското собрание кога им беше забранет влез на новинарите без примени две дози вакцина. Како неосновани ги отфрла тезите дека бесплатните вакцини и даваат право на државата да бара нешто за возврат.

„Како прво, нашата влада обезбеди вакцини многу доцна. Од друга страна, економијата трпеше и ќе трпи поради несоодветни пакети мерки за ублажување на последиците кои знаевме дека ќе настанат поради пандемијата, така што, отсуството на суштински економски мерки не може и не смее да се замени со принудување на граѓаните да се вакцинираат’’, вели Јовевски.

Од аспект на здравствена безбедност смета дека приоритет треба да има личната заштитна опрема, па оттука како што посочува, барањето по секоја цена да се вакцинираат работниците и тоа како ги пречекорува сите граници на работничките права и фундаменталните човекови права.

По одлуките на владите од неколку земји државната помош да ја условат со вакцинација на работниците и бизнисмените, дали може да се очекува и нашата Влада да се реши на ваков чекор? Јавноста излезе со многу аргументи за и против, но се чини дека сите се подеднакво гласни.

-Вакцинацијата против Ковид-19 согласно фундаменталните човекови права е право на личен избор на човекот- дали ќе се вакцинира или не. Ова го изјавија од самиот почеток челниците на СЗО, светските лидери, и нашите власти. Лично бев скептичен дека ова право доследно ќе се почитува. Од таа причина, уште пред да стигнат првите вакцини во земјава предупредив дека може да се случи сценарио на ограничување на правото на извршување работни обврски без примена вакцина. Ваков пример имавме во нашето Собрание ако се сеќавате- им се случи токму на новинарите и снимателите: им беше оневозможено да ја извршуваат својата работа во законодавниот дом на оние кои не покажале сертификат за примени две дози вакцина.

Како професор по анти-дискриминациско право тврдам дека со ваквиот чин се прекршени права и слободи, извршена е дискриминација на новинарите и снимателите (на оние кои не примиле две дози вакцина), иако воопшто не е задолжително да примат ниту една- доколку одлучат така.Вистински начин да се принуди кој било да се вакцинира нема- принудата е кршење на фундаменталните човеkови права. Вистински начин на однесување на владата спрема вакцините би бил да остане правото на личен избор и да се СПРЕЧИ дискриминација на работниците на ваков начин.

Колку е оправдано условувањето дека ако владата обезбедила бесплатни вакцини, тогаш би било фер сите да дадат придонес? Во спротивно се вели дека негативни ефекти може да трпи економијата, и секако државата која обезбедува бесплатни вакцини?

-Како прво, нашата влада обезбеди вакцини многу доцна. Оние кои беа одлучени да се вакцинираат час поскоро одеа да се вакцинираат во Србија. Сега велат дека имаат обезбедено вакцини за масовна имуницазија, па според тоа, не гледам причина да има потреба нешто повеќе да се презема. Кој сака да се вакцинира- едноставно ќе се вацинира. Од друга страна, економијата трпеше и ќе трпи поради несоодветни пакети мерки за ублажување на последиците кои знаевме дека ќе настанат поради пандемијата, така што, отсуството на суштински економски мерки не може и не смее да се замени со принудување на граѓаните да се вакцинираат.

Проф. д-р Лазар Јовевски

Дали станува збор за минимален придонес за здравствена безбедност или пак за барање кое ги пречекорува сите граници на работничките права?

-Ако говориме за здравствена безбедност, односно од аспект на здравје и безбедност при работа кога веќе говориме во контекст на вакцинација на работници, сметам дека приоритет треба да има личната заштитна опрема, односно фирмите да обезбедат доволно и квалитетни маски, средства за хигиена, дезинфициенси, редовно да ги чистат и дезинфицираат работните простории, а согласно закон да направат и проценка на ризик и изложеност на работниците на ковид-19. Барањето по секоја цена да се вакцинираат работниците и тоа како ги пречекорува сите граници на работничките права и фундаменталните човекови права.

Не сум медицинско лице, но редовно ги следам изјавите и советите на нашите лекари кои се експерти-  инфектолози и слушам дека тие секојдневно апелираат на пример, лица кои прележале ковид-19 да не се вакцинираат најмалку 3 до 6 месеци од прележувањето, и тоа со тест за антитела. Лице кое има антитела над одредена граница инфектолозите велат дека би можело да има несакани здравствени последици, и според ова, ако сме разумни и се грижиме за здравјето на секој граѓанин, доаѓаме до констатација дека не е соодветна мерка да се задолжат работниците за вакцинација. Замислете колку повеќе би трпела економијата ако работници почнат да се разболуваат па да користат боледувања, итн.?

Од друга страна, дали треба да се предвидат награди за тие кои ќе се решат да се вакцинираат?

-Исто така големо НЕ! Правото на избор дали ќе се вакцинира некој или не треба да го направи со објективно размислување. Наместо награди за вакцинирање, нека се испланираат средствата за суштинска поддршка на фирмите. Секојдневно бараат државна помош, не ја добиваат соодветно и веќе отпуштаат работниcи и тоа масовно.

Дали и како според Вас треба да се заштитат работниците, економијата и генерално државата?

-Работниците треба да се заштитат како што требаше и пред пандемијата- со целосно почитување на работничките права. Економијата треба да се заштити со соодветни мерки кои треба да се изготват по пат на социјален дијалог, но во многу брз рок. Државата од што да се заштити? Државата треба да ги заштити граѓаните, фирмите, економијата… а не сама да се штити од сопствениот народ.

К.В.С.

Слични содржини