Барбареев: На кого му е потребен образовен систем во кој сите сме одлични со просек „пет-нула-нула“?

од Берта Китинска
367 прегледи

Професорот Кирил Барбареев на денешната јавна расправа во Собранието за Концепцијата за основно образование посочи дека тимот што ја изработи концепцијата го сочинуваат македонски професори, наставници и стручни лица од Бирото за развој на образованието кои долги години се залагаат за коренити промени во образованието.

Тој  забележа дека сите реформи досега се фокусирале на одделни сегменти од образованието.

„ Дали знаете дека нашите ученици имаат сериозни проблеми и тешкотии со читање и разбирање, со математика, со критичко мислење? Дури и сите оние кои зборуваат во овој период дека се брза со реформата, дека нема анализи, дека концептот треба да се отстрани, дека има педагошко-методолошки недоследности и т.н. всушност забораваат една важна работа, ова е концепт, не е стратегија, не е акциски план. Концепт и значи почеток, визија за ново училиште, нова образовна автентична македонска парадигма за нов воспитно-образовен систем. Петте месеци работа се всушност анализите и искуството во овие 20 години на сите од нас коишто седиме тука и се надвор од оваа сала. И уверувањето дека парцијалните промени се недоволни за суштинско реформирање на основното образование кое и е неопходно на нашата земја. И конечно, интеграција на добри светски практики и создавање систем со национални стандарди“, укажа професорот Барбареев.

Отсликувајќи го образовниот систем кој го имаме, рече дека е политизиран во континуитет 30 години, со резултати кои во континуитет паѓаат.

„Образование во кое сите сме одлични со просек „пет-нула-нула“. На кого му е потребен ваков систем? Ако ги погледнете забелешките кои доаѓаат од наставниците, па тие молат дури и да не оценуваат бидејќи е бесмислено заради реакциите и притисоците од средината кои се неподносливи. Денес многу наставници ќе ви кажат – не ми е криво што платата ми е толку, криво ми е и тој што не работи исто зема“, рече Барбареев.

Слични содржини