Ал-Хилал се обидува да го искушува Николо Барела со огромна плата, но играчот од средниот ред на Интер не е заинтересиран, бидејќи е цврст во намерата да остане во својот сегашен клуб, пишува „Газета дело Спорт“ на својата денешна насловна страница.
Шампионот на Саудиска Арабија бара парите заштедени од раскинатиот договор на Нејмар да ги инвестира во доведување на нова ѕвезда од врвните европски лиги, а Барела е една од водечките опции. Ал-Хилал направи два обиди да го убеди 28-годишниот играч од средниот ред да потпише со нив. По првото одбивање во јануари за годишна плата од 18 мил. евра, „сино-белите“ се подготвени да направат уште еден обид, удвојувајќи ја понудата на 35 мил. евра со договор за 4 сезони.
Сепак, италијанскиот интернационалец останува непопустлив во желбата да остане во Интер, откако минатото лето го продолжи договорот со клубот до летото 2029 година.
Барела е меѓу големите ѕвезди на „нероазурите“, а за шест сезони со нивниот тим има 25 гола и 59 асистенции на вкупно 273 натпревари.