Фудбалскиот клуб Барселона во моментов должи 147 милиони евра за играчите кои ги доведе пред неколку години, а 45 милиони мора да се исплатат на краток рок, а останатите 102 на долг рок.
Како што пренесува шпанскиот спортски весник „АС“, дури седум клубови чекаат пари од трансферот на Роберт Левандовски, кој во 2022 година од Минхен пристигна во Каталонија за 45 милиони евра плус пет милиони бонуси, за да им „легна“ на сметка.
Барса на германскиот гигант му должи вкупно 21 милион евра, Борусија Дортмунд чека да и бидат исплатени 156.000 евра, а остатокот им го должи на клубови од Полска каде напаѓачот на шпанскиот тим настапуваше во младоста.
На Легија и должат 100.000 евра, Лех треба да добие две рати од по 119.000 евра, Делта вкупно 66.000, Знуч очекува исплата од 226.000 евра, додека Полонија треба да добие две рати од по 119.000 евра.
Каталонците се обврзани да ги платат и парите од трансферот на Рафиња, кој пристигна од Лидс во 2022 година, а на англискиот клуб треба да му бидат исплатени 42.500 милиони евра, додека на клубовите каде што претходно настапуваше Бразилецот им должат неколку стотици илјади евра.
Манчестер Сити се уште чека Барселона да плати 65 милиони евра за трансферот на Феран Торес, а на Бетис му должи околу 1.500.000 евра за двајца играчи кои повеќе не се во клубот.
Шпанскиот весник наведува и дека долговите на Барселона не завршуваат тука, бидејќи 18,9 милиони евра очекува и бразилскиот клуб Атлетико Параненсес, кој треба да ги добие за трансферот на Витор Роке.