Сериозен скандал за местење натпревари во Шпанија е на пат да експлодира откако 50 средби од последните три сезони се под истрага за манипулирање, соопштува „Ел Конфиденсиал“.
Според публикацијата, во две од средбите се вклучени вторите тимови на Барселона и Реал (Мадрид). Меѓу истражуваните средби се Барселона „Б“ – Елденсе од сезоната 2016/17 и Сарседа – Реал Мадрид „Б“ од оваа сезона. Дуелите се од третото и четвртото ниво на шпанскиот фудбал, а меѓу нив има и такви на вторите тимови на Виљареал, Малага и Хетафе, како и на третиот тим на Севиља.
Во исто време, „Марка“ објави за 20 притворени во врска со натпреварите, но немаше информации за уапсени фудбалери. Сите притвореници се од криминални структури кои немаат заедничко со веќе споменатите клубови.
Најчести имиња за местени натпревари се оние на тимови како Алкала, Елденсе, Атлетико Еспелењо и Ла Рода. УЕФА покажува целосна поддршка на обемната истрага, вклучувајќи 10 средби од сезоната 2015/16, 26 од сезона 2016/17 и 15 од оваа сезона.