Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, откри детали за тоа како ќе го зачува и зајакне тимот кој освои речиси сè и стана апсолутен владетел на Шпанија оваа сезона.
„Ќе заработиме 950 милиони евра, тоа се речиси милијарда евра. Убеден сум дека ќе бидеме во рамките на правилата на финансискиот фер-плеј што се однесува до буџетот за плати и трансфери. Ова лето ќе има промени во нашиот тим. Ќе се зајакнеме бидејќи нашите ривали ќе го сторат истото откако видоа дека имаме најдобар тим. Прво ќе ги обновиме договорите на сите играчи што ги сакаме, а потоа ќе почнеме да доведуваме засилувања. Се договоривме за сè со Ламине Јамал, тој веќе го прифати нашиот предлог. Чекаме само 13 јули, кога ќе наполни 18 години, за да може да потпише“, изјави Лапорта за ТВ3.
Лапорта, исто така, ги задоволи навивачите на Барселона кои очајно сакаат Рафиња да остане.
„Преговорите со Иниго Мартинез и Рафиња се во завршна фаза. Рафиња ќе остане бидејќи желбата за тоа е взаемна. Тој се чувствува многу поврзан со нашиот проект. Војчех Шчесни исто така ќе остане. Го доведовме поради неговото искуство, а сега му понудивме нов договор. Се надеваме дека ќе остане. Минатото лето сакавме да го доведеме Нико Вилијамс, но сега следиме други играчи. Ерлинг Халанд? Ништо во животот не е невозможно, но сега не размислувам за него бидејќи неодамна го продолжи договорот со Сити“, рече Лапорта.
Да потсетиме дека Барселона ја заокружи тројната круна со освојување на Ла Лига две кола пред крајот на првенството, откако претходно ги освои Суперкупот и Купот на Кралот.